Една теорија за европскиот фудбал, која можеби додека ја читате на нашиов портал ќе ви биде на границите на „теорија на заговор“ сепак е базирана на податоци кои се фактички и кои можете и самите да ги проверите.Додека сите разговараме и размислуваме дали СП кое ќе биде во Катар е добро или не е добро што се планира да биде во зима, па потоа се „навлекуваме“ на темите како е воопшто изгласано
Катарското светско првенство, за земја која нема никаква спортска, а не пак фудбалска традиција да добие се` што е можно од спорт?Ќе се навратам накратко на една анализа која ја напишав пред некое време, на истово место: „Земјата која е без никаква спортска традиција со своите финансии прави разместување на оските во сите спортови. Можеме и дефинитивно да заклучиме дека станува всушност и епицентар на сиот спорт на планетава. Доха, град со едвај 2 милиони жители (официјално според последните бројки 1.903.447 жители од кои само околу 300 илјади жители со катарско потекло и околу 1.600.000 донесени работници), а веќе е спортски центар на планетава. Експресно создадена држава во изобилство на богатство, вештачки поставена на пустина со многу нафта. Богатство, пари и песок. Во отсуство на било каква спортска традиција во пустината.Во Мотоспортот се од 2004 година, влезени како задолжителна дестинација во календарот.
Во тенис нешто порано, од 1993 година. Во 2014-та, декември, го имаа Светското првенство во пливање и ватерполо. Оваа година во јануари беа организатори на Светското првенство во ракомет. Во 2019 година се организатори на Светското првенство во атлетика. И најконторрверзното Светско првенство во фудбал во 2022 година.“Треба ли да ги споменам најголемите инвестиции во европскиот фудбал дека доаѓаат токму од Катар? Кои фудбалски клубови владеат со светскиот фудбалски пазар во Европа? Чии стадиони ги имаат најголемите инвестиции за реновирање, за носење на името или „презимето“ на катарските фондации и компании?Катар, Доха и нивните компании веќе започнаа владеење не само со светскиот фудбал, туку владеење со сиот светски спорт, сакале вие прифатиле или не.Парите кои доаѓаат од нафтата никој не сака да ги одбие бидејќи тоа пред се` е „чист кеш“ и кеш што се добива веднаш! Европските компании не можат да се натпреваруваат со тој капитал.Колку и да е Флорентинио Перез на пример, најголемиот градежен инвеститор во Шпанија, кој истовремено се смета и за најбогатиот и за „најиздржливиот“ сепак има голема потреба од катарскиот капитал. И неговиот соперник од Каталонија исто така. И самата Лига. И втората, па и репрезентацијата. По цена ако треба и да се сменат саатниците и да се измени целата лига во своите директни преноси, под „велот за Азија“ (попрецизно и по точно, заради тоа што бара Катар).Ако на ова ги додадам Малага, па ПСЖ па сите останати стадиони како Итихад, Емирејтс, рекламите на нивните брендови кои се веќе под „чадорот“ на нафтениве компании сликата станува потранспарентна.Но, и тоа сеуште не е се`!Признането на жената која го отвори скандалот за подмитување при гласањето во ФИФА за Катар 2022 со право можеме да поверуваме дека е точно. Да не пријавеше, никој немаше можеби ни да дознае, а сите ќе се чудевме „како и зошто“. Ќе го голтневме без потпрашања објаснувањето на Блатер дека „ете и ова мала земја за првпат може да биде организатор на СП во фудбал“ (ова ќе е првата муслиманска земја која ќе организира СП во историјата на светскиот фудбал). Платини преку УЕФА пробува да направи контра баланс на она што го промовира Блатер, но веројатно и самиот знае дека не може да оди „до крај“ бидејќи и тој зависи од катарските финансии и тоа на повеќе нивоа.Катар менува се`.Прашање на време е кога ќе влезе и во Олимписките игри, зимски и летни (за нив нема да е ништо невозможно да изградат климатизиран нов град за зимски и град за летни ОИ. „Олимпизмот“ покажа досега многупати дека кога се пари во прашање знае да одбере по цена и на „нелогичност“, ако има добра заработка, како за „непрофитна“ организација).Значи уште еднаш можеме заеднички да резимираме дека Катар е најмоќен и буквално менува се`, по своја потреба, како што си сака.Е сега одам на целта.Кој е всушност Катар?Дали тоа е оваа мала земја богата со нафта, која го запоседна сиот светски спорт?Ќе направам мала дигресија на нафтените извори. Тие во најголем процент (и профит) се во сопственост на Иран, Саудиска Арабија и Катар. Но, џабе вие произведувате сурова нафта, ако нема кој да ви ја откупи, да ви ја преработи и да ја пласира на пазарот и на големо и на мало.Веќе доаѓам до главниот „поинт“.Кои се најголемите компании кои најмногу откупуваат од овие шеици и всушност го собираат кремот?Двете најголеми на планетава се Ројал Дач Шел со седиште во Хаг (Холандија) и Бритиш Петролеум со седиште во Лондон (Англија).
Двете компании со најголем удел во откупот од светската сурова нафта се токму овие две. Потоа следуваат американските Ексон Мобил, Шеврон, па кинеската Синопек, па некаде многу подоле на листата се руските нафтени тајкуни.И сега само од себе се поставува прашањето за кое нема официјален документ и потврда, но може да биде само хипотеза: „Дали токму зад катарските инвестиции во Европа стојат Британско-Холандските две најголеми нафтени компании?“. (зад кои неофицијално сите знаат дека стојат Британското и Холандското кралско семејство) Ако се, тогаш зошто не би влегле директно?Одговорот е многу едноставен. Сите давачки како Европска компанија и инвеститор се под едни услови, а како надворешен инвеститор се сосем други. Во преговорите, како нов вложувач исто така имаат предност и во сиот склоп на оданочување во ваквата констелација е исто така друго.Од таму е веќе и појасно сето тоа пенетрирање на катарските шеици од муслиманскиот свет во најосетливите и најприходосните бизниси во Европа земјата која неколкупати досега ја „елиминираше Турција“ како можност за внесување во својата христијанска дружина наречена Унија.
Политиката е дефинитивно само показател во овој сегмент од светскиот фудбал, но финансиите се директен одговор на чудните чекори за Катарски влез на билионите евра во истиот.
Затоа, откога ќе се сумираат сите овие сегменти на логични претпоставки, секој може да сфати дека Катар воопшто не е никаков играч во светскиот фудбал.Напротив, европските нафтени компании кои нашле прецизен, а во исто време заобиколен пат, да влезат и да држат се` под контрола наспроти европските компании, посебно оние кои доаѓаат од Русија (кои на територијата не Европа сепак ги немаат условите кои ги добиваат Катарските вонконтинентни нови инвеститори).Значи, ако мојата „теорија“ е точна, тогаш секако дека нема да биде во секторот „заговор“, напротив, само прашање е кога ќе биде потврдена и „разоткриена“ како прецизна и точна.Тоа веќе повлекува како одговор и се` што и понатаму ќе се случува во светскиот фудбал и на СП 2022.
Веќе е многу појасно како таа мала земја го запоседна сиот спортски светски пазар.
Едноставно, овој Катар „не е Катар“, тоа е повторно Европа, но низ други инстанци, други даноци, ослободувања и профит, во директна борба против „источно европските нафтени тајкуни на пазарот на фудбалот (и останатиот спорт)“.И волкот сит и сите 300.000 катарци (без донесените работници) на број.
(Напишано од Игор Филевски, 28 Февруари 2015 16:46)