Колку Каталонија вложува во фудбалот, колку ние?

Во функција на сондирање на активностите, разликите и резултатите ќе направиме само една мала кратка промоција на бројки во следните редови од текстот, на тема фудбалот во Македонија и Каталонија. Да се споредуваат нештата со Шпанија е премногу, но со Каталонија би можеле бидејќи сепак Каталонија е една од помалите иако најбогата во цела држава. Бројките се однесуваат на регистрираните фудбалски клубови, фудбалери и екипи.

Иако за градот Барселона, кој се растегнува по Медитеранскиот брег во должина од околу 50 километри, немаме точна и прецизна бројка за овој момент, но до лани бројката на регистрирани фудбалски клубови беше околу 280.

Тоа подразбира исто толку фудбалски терени. Сите клубови имаат свој фудбалски терен на кои се активни екипи во сите младински категории, а оние клубови кои имаат барем еден помошен терен плус, соодветно имаат и задолжителна женска фудбалска екипа.Каталонија за минатата година брои вкупно 8945 фудбалски екипи.
Во овие екипи во Каталонија, има регистрирани 233 професионални фудбалери, додека сите останати се водат како аматери, меѓу кои се 114.880 фудбалери во сите младински категории, вклучувајќи ги и оние од женскиот фудбал. За овие фудбалери, Каталонија има официјално регистрирани 2.200 фудбалски тренери. Е сега ако направите споредба со она што го имаме ние во Македонија, тогаш веќе е јасна разликата зошто на пример Шпанија со еден 15-годишен циклус станува светска фудбалска доминација.

Ова се бројки само во Каталонија. Ако на ова ги додате дури и произволно останатите бројки од другите автономии, сликата е многу појасна „зошто“. Се` додека во Македонија не се изготви 10 или 20 годишен циклус со програма која мора дисциплинирано да се следи во секој чекор и секоја инстанца на хиерархијата во федерацијата, успехот никогаш нема да дојде.