(Напишано на 29 Ноември 2014)
Денес се навршуваат точно 115 години од моментот кога и официјално се формираше ФК Барселона како идеја на Швајцарецот во Каталонија, Џоан Гампер.
Со оглас во локалниот весник „Лос Депортес“ прво беше објавен дека се бараат фудбалери за да се основа фудбалски клуб во Барселона. На 29 ноември 1899 регистрацијата беше направена и почна да живее денешната Барса.
Оттука почнува историјата на денес еден од најголемите фудбалски брендови на планетата. За само неколку дена потоа е одигран и првиот официјален фудбалски натпревар против Англичаните во Барселона. Подоцна клубот влегува и во официјалните натпревари во Каталонија и во Шпанија. За стадионите, за преместувањата, за освоените трофеи сигурно досега многупати сте читале. Но, за страдањето на овој фудбалски клуб сигурно дека скоро никој во Шпанија не сака да потсетува, но тоа за Каталонците никогаш нема да биде подзаборавена тема, ниту на роденденот, бидејќи ниту еден фудбалски клуб никогаш толку многу не настрадал од режимот, како Барса.
Почнувајќи од 1925 година кога првпат Блаугранистите ја исвиркуваат шпанската химна, а ја поддржуваат британската (на противникот), шпанската диктатура го забранува стадионот на Барса за посета во следните 6 месеци. Џоан Гампер го бркаат од државата со забрана за враќање воопшто на шпанската земја. Неколку години подоцна Џоан Гампер умира. Клубот покрај сите трагедии успева да се задржи некако „на нозе“.За да биде трагедијата уште поголема, Барса е единствениот клуб во Шпанија чиј претседател е убиен поради истакнување на каталонското знаме на неговиот автомобил и телото подоцна е фрлено во заедничката гробница во градот (а пронајдено е дури пред две децении и повторно закопано со сите почести).Со доаѓањето на Франко на власт се случува погром каков не е забележан никаде во фудбалскиот свет. Во следните 46 години од неговиот режим Барса ги доживува своите најстрашни и најтешки години од постоењето. Бомбата фрлена на канцеларијата на Барса во март 1938 година имала за цел да го уништи и финансиски да го докусури клубот. Штетата била огромна, но сите заедно со доброволни прилози успеваат да ги обноват просториите.
По налог на Франко името на клубот од Футбол Клуб Барселона се заменува со шпанската транскрипција Клуб де Футбол Барселона (слично како што за шпанците е Ноу Камп, а за каталонците Камп Ноу). Во 1973 година, повторно е вратен денешниот Футбол Клуб Барселона и е оставен како единствено име за сите секции кои и да се формираат некогаш понатаму (во Барса и ден-денес и ракометот и кошарката и хокејот и се` останато се Футбол Клуб Барселона). Во 1943 година е познатото случување кога Барса го победува Реал Мадрид со резултат 3:0 во полуфиналето од Купот на Генералот. Во реваншот во соблекувалната на Барса се случува најгрозоморната закана дека само „благодарение на добрата воља на Франко“ фудбалерите нема да бидат убиени на лице место. Барса потоа го губи натпреварот 11:1, благодарение на судските одлуки, стравот и пушките вперени во нив. Најсрамотниот натпревар одржан меѓу овие два клуба ќе остане вечно во историјата на каталонците.
Но и тоа не му е доста на Франко. Го забранува грбот на клубот со 4-те линии кои ја симболизираат борбата и независноста за националниот идентитет на каталонците. (претходно им ги руши и четирите столба, најбрутално со багер, кои се поставени на „Пласа Еспања“. Изградени се повторно пред 4 години и се наоѓаат денес пред „Фонт Маџик“). Сепак во 1949 година успеваат некако да ги вратат 4 линии на грбот на клубот кои постојат до денешен ден. За Ди Стефано и неговиот потпис за Барса сигурно досега сте ја читале вистината. Тој по налог на режимот е на најбрутален начин оттргнат од клубот во Барселона и однесен во Реал. Барса е принудена да се откаже од него, по големи притисоци и „исчезнување на целата документација“. Во еден дел од историјата, Франко посакал да го сруши и стадионот, каде единствено се зборувало на тогаш забранетиот каталонски јазик. Но, бил оттргнат од идејата за да не предизвика нова граѓанска војна на територијата на Каталонија. Како што било забрането движењето на Каталонците во бројка повеќе од три (за заедно седење во кафеана или движење по улица повеќе од четиримина директно биле апсени) така и бројката на членови варирала во текот на целата историја на клубот. Но, по „симнување“ на овие нехумани закони од страна на режимот, членството се зголемува и денес Барса веќе е клуб со најмногу Соси (членови) во Шпанија. Но Барса и во тие години на погром успевала некако да се спротивставува на режимот кој не можел сепак да ја држи целосно под притисок и под диктатура, со трпение, фудбал, квалитет и каков-таков успех.
Токму од тие причини, до ден денес сопственици на клубот се токму самите Соси, а не раководство, личности или некакви корпорации. Тоа е и разликата меѓу сите Пењи во Шпанија и онаа на ФКБ, каде пењистите на клубот се носители на сите права на одлучување за секој сегмент и детал во ФКБ. Затоа е и „Повеќе Од Клуб“!
Малку е просторот за да може да се опише целата историја на овие 115 години постоење на каталонскиот и светски фудбалски гигант.
115 години на живот на Барселонизмот во светот.