Ова е недела во која и практично ја стартуваме новата сезона.
Новата сезона во Ла Лига.
Суперкупот како завршница на минатата сезона беше лошо „загревање“ за Барса.
За тактиката и целата стратегија на Валверде ќе зборувам откога ќе започне сезоната. Сезоната е долга, а сетингот некогаш се прави во одење.
Но, она што е интересно и кое можеме само да го потврдиме (и покрај поразите од Суперкупот) дека Барса има уште многу што да каже во фудбалскиот свет.
Само незналец или човек кој не се разбира многу во фудбал, ќе помисли или ќе каже дека „ерата на Барса заврши“.
Тоа го слушавме веќе неколку пати до сега, 2010-та, па 2012-та, па оваа година пак.
И секогаш Барса се враќаше пак на тронот и во Лигата на Шампионите и во Ла Лига.
Во последните 10 години, во Европа може да и парира само Реал Мадрид. Барса освои 3 шампионски пехари. Или ајде да скратам, во последнава декада од која се пројдени само 7 години, освои 2 титули. Три беа на Реал и другите 2 ги земаа Челзи и Баерн. Значи, каде е таа завршена ера која се вергла веќе години наназад, секогаш после „неуспешна сезона“? Па зарем денес на овој развиен и скоро совршен светски фудбал, може да очекувате 10 години некој да владее по ред за да не му е „завршена ерата“? Зарем за Реал беше завршена ерата, додека Мурињо беше на клупа? Ги немаше никаде, за да се кренат до нови рекорди по него.
Само до пред 3 години Барса има една шампионска титула во Шампионите, а Реал две. А за „завршена ера“ се зборува веќе 5 години.
Тој што разбира фудбал, знае дека тоа се циклуси. Денес си поразен, можеби и утре, за да се вратиш задутре пак.
А Барса се враќа, генерално на 2-3 години. Да се надеваме дека тоа ќе е оваа. Но и да не е, следната сигурно.
Истите муабети се верглаат и на темата „Претседателство“.
Сега се бара оставка од Бартомеу, се бараше и од Росељ. Една фракција бара враќање на Лапорта, како опонент на оската Росељ-Бартомеу која генерално им е „трн в око“.
И демократски е да се бара. Барса функционира на тие принципи. Затоа е и различна од другите фудбалски клубови.
Но не се секогаш тие акции објективни и реални. Се пристапува најчесто многу аматерски без да се споредат фактите кои ете кажуваат нешто друго.
Точно е дека Лапорта е единствен претседател што може да се пофали со најмногу титули во една година.
Но од владеењето на Росељ-Бартомеу се освоија многу повеќе трофеи.
Да не ја прескокнуваме статистиката:
Лапорта од јуни 2003 до јуни 2010 имаше 4 Ла Лига, 1 Копа дел Реи, 3 Суперкуп, 2 Лига на Шампиони, 1 УЕФА Суперкуп, 1 ФИФА Светски куп.
Росељ од јуни 2010 до јануари 2014 имаше 2 Ла Лига, 1 Копа дел Реи, 2 Суперкуп, 1 Лига на Шампиони, 1 УЕФА Суперкуп, 1 ФИФА Светски куп.
Бартомеу од јануари 2014 до сега, 2 Ла Лига, 3 Копа дел реи, 1 Суперкуп, 1 Лига на Шампиони, 1 УЕФА Суперкуп, 1 ФИФА Светски куп.
Лапорта секако дека не е најуспешниот.
Ќе ве потсетам на Нуњез, од јули 1978 до јули 2000-та, со 7 Ла Лига, 6 Копа дел Реи, 5 Суперкупа, 1 Европски шампион, 4 Куп на победниците на Купови, 2 УЕФА Суперкуп.
Нуњез е претседателот кој ги имаше и најконтроверзните заминувања. Фудбалери кои си заминаа само поради него, Марадона, Роналдо, Шустер, Стоичков и Фиго.
А од друга страна пак, во негово време бројката на соси од 77 илјади отиде преку 106 илјади. Бројот на пењите се зголеми на рекордни 1300. Го изгради Мини Естади во 1982. Го отвори Музејот во 1984. Ја направи Палау Блауграна. И ја промовираше иконата на Барса, која ја направи кантерата да биде имиџ на првата екипа, Јохан Крујф. Да не ги заборавам Робсон и Ван Гаал.
Затоа е многу дискутабилно кога и зошто се бара од некого оставка.
Не е тоа поради еден натпревар или една „изгубена“ сезона.
Тоа се ротации горе-долу. Амплитуди на успехот и неуспехот.
Точно е дека преодниот рок е сеуште отворен и точно е дека на Барса и треба освежување. Тоа е пак сосем друга тема...
Немаат среќа сите екипи да имаат генерација како онаа на Чави, Иниеста, Меси, Пујол и другите во кои имаше исто така преклопување на години и балансирање со млади и стари. Не се раѓа секоја година по еден Меси, Иниеста или Чави. Затоа и ги паметиме, бидејќи се ретки. Којзнае кога пак ќе ги имаме во таа комбинација. Но, затоа секој менаџмент ги бара барем приближно. И не заборавајте, Барса ги имаше. Другите клубови во светот, никогаш ги немале. Ги гледаа во Барса, и завидуваа и сеуште ги зборуваат и прераскажуваат. Таа комбинација веќе ја нема. Сега се создава нова. Се склопува мозаикот. Некогаш треба две, некогаш три години. Но пак ќе се склопи и Барса пак ќе се врати на тронот. Бидејќи цела декада е или на тронот или веднаш до тронот.
А ако се сомневате сеуште, погледнете ја статистиката и споредете.
УЕФА ја чува во своите фолдери.
(а темата за стартот, стратегијата, новините, трансферите и Валверде ќе ја почнам по стартот на Ла Лига)
Игор Филевски, 17 август 2017